Oпасноста од детската соба
woman-1845517_640

Опасноста од детската соба

Серијата „Адолесценција“ ни предочува дека опасноста доаѓа од детската соба.
Кога индетитетот на личноста почнува да се формира, интернетот на младата личност и дава
оружје со кое развојните фрустрации и стравови од школо или од остатокот од реалниот живот
може да се заменат со бес, омраза и агресија за кои што има не само одобрување туку има и
конкретни упатства како да се негуваат и развиваат. Оваа суптилна замена на емоциите, во
виртуелниот свет е поддржана од бројни познати и непознати „другари“ кои исто така бараат
„разбирање“ за својата немој која ја чувствуваат во нивниот реален живот. Во виртуелниот свет
како впрочем и во игриците убиството не е траен чин, ќе изгубиш еден живот па имаш уште
неколку за да продолжиш во походот на играта. Се губи реалноста и потоа фантазијата која се
креира во главата на младата личност станува „возможна“ и „оправдана“ и „логична“ во
виртуелниот свет каде наидува на одобрување дури и величење на постапката да се уништи
причинителот на фрустрација од реалниот свет. Така надахнат идентитетот кој се создава во
виртуелната реалност на момент ја брише границата меѓу двата света, ја поматува свеста на
личноста која во реалноста функционира со друг идентитет (дете кое е повлечено, одговорно,
исполнително, креативно) и успева да продејствува во вистинскиот свет каде правилата на живот
не се исти како тие од игриците на интернет.
Одговорноста за постапките, што ќе се каже или направи во интернет светот скоро и да не постои
бидејќи последиците не се очигледни, не се гледа болката што се нанесува на луѓето додека им се
пишува на социјалните мрежи.
Во серијата гедаме неможност да се види и прифати одговорноста од постапката со која во
реалноста се одзеде живот. За момент поделениот идентитет не може да ги поврзе двата света на
функционирање.
Ова отвора поле во кое треба сериозно да се гледа и делува. Возрасните сме повикани да
развиеме нови вештини за да го разбереме тој простор во кој нашите деца неминовно
учествуваат. Да ја замениме баналната реченица „во наше време…“ и да се загледаме во ова
време бидејќи времето во виртуелниот свет се чини дека побрзо минува и го убрзува и
разместува развојот на младата личност. Кревката личност во развој тешко може да одолее на
леснотијата со која се надминуваат болните емоции кога се споделени во група која се формирала
со слични цели и интереси. Притоа постигнувањето на целите не е во склад со развоен процес туку
напротив се прави на начин кој ја дехуманизира личноста и ја лиши од одговорност. Токму
развивањето на хуманост и одговорност се клучни аспекти за развој на здрава личност која
влегува и ја развива заедницата и општеството.

Марија Стојкоска Василевска 

Психолог и психотерапевт 

Есенција 

X