Чувство на вина кај родители
k-mitch-hodge-IqSaG9zv2e0-unsplash

Чувство на вина кај родители

Да се биде родител е многу благодарна но, воедно и многу тешка задача. Кај луѓето, периодот на детството и адолесценцијата трае многу долго, односно ние, луѓето, како вид имаме продолжен период на вуленрабилност во развојот и созревањето во споредба со другите животински видови. Во тој период на интензивен биолошки, психолошки и социјален развој на единката родителите се тие кои ја носат одговорноста за развојот на децата. 

Родителската улога, поради својата природа, задира длабоко во слефот и идентитетот на индивидуата. Таа е високо нормирана улога и во периодот на социјализирање во улогата индивидуата ги интегрира бихехјвиралните норми во личната концепција за селфот. Токму затоа за оваа улога се врзани многу интернализирани очекувања, вредности и норми за тоа како треба истата да се извршува и согласно тоа постои висок степен на анксиозност врзан за потенцијалните неуспеси во нејзиното исполнување. Улогата на родител се раѓа со раѓањето на првото дете, родителскиот идентитет се креира искуствено во годините кои следат, но очекувањата за себе како родител и за родителите воопшто се креираат многу порано. 

Високата социјална нормираност на улогата носи и висок ризик за грешка, односно постојат формални (законски) и неформални (обичајни) правила и одговорности за родителот, кои доколку не се почитуваат следуваат санкции кои може да имаат институционална форма (на пр. казна затвор или одземање на детето од социјалните служби), неформална форма на казнување (социјален притисок, стигматизација, социјално отфрлање) и интернализирана индивидуална форма на санкција (чувства на срам и вина).

Вината е морално чувство кое се карактеризира со вознемирувачко доживување на жалење и процена на сопственото однесување како погрешно, односно како однесување кое прекршува одредени морални, социјални или лични стандарди. Моралните емоции се самосвесни и самоевалуирачки емоции кои подразбираат веќе развиени посложени когнитивни вештини и поголема самосвест.

Вината е непријатно чувство кое е релациско и социјално по природа, се јавува во контекст на некаква релација во која имаме доживување дека сме погрешиле и има социјална функција да мотивира репаративно однесување и одржување на колективните норми.

Во родителски контекст, поради сложеноста на родителската улога, изворите на чувство на вина се навистина бројни: нереални социјални очекувања, негување на митовите за совршен родител, интернализирани нереални очекувања од себе, негување на култура на споредување со другите, неможност да се одговри на сите барања на децата, потешкотии во одржување на балансот меѓу работата и семејниот живот, страв од носење погрешни одлуки, неприфаќање на сопствените несовршености, справување со разни животни кризи и предизвици. Сето тоа може лесно да не извади од баланс како родители но, најтешко од се ни е да ја комуницираме сопствената лутина. Во текот на целата социјализација учиме како да ја потиснуваме и сублимираме лутината и кога како добро социјализирани единки ќе се исправиме пред нашите деца комплетно разоружани на тој план, започнува хаосот. Во природата на децата е да тестираат граници, а пробивот на граници во релациите раѓа лутина. Кога како родители не знаеме како да се носиме или како да ја комуницираме лутината правиме прекин во контактот.

Од еволуциски аспект вината е морално чувство чија функција е репаративна, односно и овозможува на личноста да увиди дека со своето однесување нанесува штета на некој друг и доколку го адресира со адекватни механизми на справување и овозможува на личноста да го поправи своето однесување.

Но кога родителите не се справуваат со чувствата на вина и стрес, се доведуваат под ризик за намалено доживување на само-ефикасност во улогата, високи нивоа на депресија и повеќе негативна интеракција со своите деца. Неадресираната вина го прави родителот нефункционален, неприсутен, обземен во своите стравови и несигурности, со нарушена самодоверба, зголемен стрес и анксиозност. Тоа пак не само што ја нарушува и обременува релацијата со детето, туку и кај детето креира чувства на страв, несигурност, недоверба, нарушено доживуање на припаѓање и страв од отфрлање.

Главната потешкотија во справувањето со чувствата на вина е неприфаќањето на нашите грешки. Се додека не сме во состојба да ги признаеме и прифатиме сопствените несовршености како родители, не можеме да си помогнеме ниту на себе, ниту на своите деца. Остануваме заглавени во самообвинување, изолација и претерана идентификуваност со грешките.

Од друга страна капацитетот за сочувство кон себе ги отвара можностите за поголема флексибилност, наместо крутост, наоѓање милост кон себе, насместо осуда и враќање назад во релација, наместо отслужување казна во изолација.

Децата имаат голем капацитет за адаптација, многу се пофлексибилни од возрасните и многу повеќе присутни во тука и сега. Затоа и репаративниот контакт кај нив има многу поголем ефект отколку кај возрасните. „Враќање назад“ во моментот на прекинот на контактот, превземање одговорност за она што се случило и уважување на настанот и последиците, отвара можност за корегулација меѓу возрасниот и детето и враќање на балансот во релацијата.

Павлина Михајловска

Психолог/психотерапевт

Есенција

X